Ракот на дојка го претекна ракот на белите дробови, како најчеста форма на карцином во светот, објави минатата недела Светската здравствена организација (СЗО).
– Ракот на дојка сега по првпат е најчест рак во светот – изјави Андре Илбави, специјалист за карцином при СЗО, по повод Светскиот ден за борба против ракот, кој се одбележа на 4 февруари.
Ракот на белите дробови беше најчестата форма на рак во изминатите 20 години, но сега е на второ место, зад ракот на дојка и пред ракот на дебелото црево, истакна Илбави.
Се проценува дека лани се дијагностицирани 2,3 милиони нови случаи на рак на дојка, што е 11,7 отсто од сите случаи на карцином во светот, соопшти СЗО.
„Меѓу жените, ракот на дојка е најчесто дијагностицираниот карцином и водечка причина за смртност од карцином во светот“, додаваат од СЗО.
Илбави истакнува дека дебелината кај жените го зголемува ризикот за развој на рак на дојка, но и вкупниот број на случаи на карцином.
Со порастот на глобалната популација и очекуваното зголемување на животниот век, се очекува карциномите да стануваат сè почести и до 2040 година да пораснат на околу 30 милиони нови случаи во однос на 19,3 милиони во 2020 година, додава Илбави.
СЗО предупредува дека една третина од смртните случаи од ракот се последица од пушењето цигари, високиот индекс на телесна маса, премногу малиот внес на овошје и зеленчук, недостатокот на физичка активност и консумирањето алкохол.
Пандемијата на коронавирусот го нарушува лекувањето на ракот во околу половина од земјите опфатени со студијата, рече Илбави, посочувајќи на задоцнетите дијагнози, здравствените работници под екстремен стрес, како и влијанието на коронавирусот врз истражувањето на ракот.