Македонија е обoена во црвено. ВМРО-ДПМНЕ ја има убедливо најголемата победа на локални избори до сега, било кога видена во Македонија, ова е историја и резултатот кој што го направивме вчера е навистина историски, истакна на прес-конференција Александар Николоски, потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ.

Ова, според него е историски резултат затоа што, како што рече, е за 50% подобар од резултатот кој партијата го имала во 2021 година, кога во 22 општини доби градоначалник во првиот круг.

„Добивме градоначалници и во места кои до вчера беа условно кажано предводени од СДСМ, односно во коишто бевме опозиција. Убедливо во првиот круг победивме во бастионот на СДСМ, Струмица, во Струмица ВМРО-ДПМНЕ ќе има градоначалник после 20 години. И не само тоа, туку ќе имаме и мнозинство во Советот и разликата е толку голема што е нешто што е досега невидено на избори во Струмица.

Во првиот круг победивме и во Делчево, Берово, Старо Нагоричане, каде исто така СДСМ имаше градоначалници, а водиме и ќе победиме во вториот круг во Валандово, Демир Капија, Дојран каде што нашите кандидати водат и ќе победат во вториот круг“.

Скопје, кажа Николоски, гласаше за Орце Ѓорѓиевски, каде како што нагласи е јасно уште во првиот круг што Скопје сака.

„Орце води повеќе од 3:1 кон второпласираниот кандидат, повеќе од 3:1 е јасно позиционирање и јасен став на Скопје, што Скопје сака и дека Орце Ѓорѓиевски е изборот и во вториот круг ќе ја зацементираме оваа голема победа.

Она што е карактеристично е дека СДСМ во Скопје е петта политичка партија, не втора, не трета, не четврта, СДСМ во Скопје е петта политичка партија, што јасно ја покажува волјата на граѓаните и јасната доминација на ВМРО-ДПМНЕ во Скопје.

Нашите кандидати Дејан Митески и Сотир Лукровски, убедливо победија во Аеродром и Карпош и се апсолутни фаворити за победа во вториот круг, очекуваме и таму големи победи во вториот круг и во Аеродром и во Карпош.

Можеме официјално да кажеме дека ВМРО-ДПМНЕ доби градоначалник во првиот круг во следните општини: Берово, Битола, Босилово, Бутел, Василево, Вевчани, Велес, Гази Баба, Гевгелија,
Ѓорче Петров и Градско, Делчево, Демир Хисар, Зелениково, Илинден, Јегуновце, Кавадарци, Карбинци, Кисела Вода, Кратово, Новаци, Ново Село, Охрид, Петровец, Пехчево, Прилеп, Радовиш,
Ресен, Свети Николе, Сопиште, Старо Нагоричане, Струмица и Штип“.

Од денес како што рече, идните градоначалници ги чека многу работа а она што го ветија во кампањата мора да го реализираат.

„Во Советот на град Скопје, како што кажав, СДСМ е петта политичка партија. СДСМ е на најниските ниво од своето основањето до денес. Јасно е дека народот праќа јасна порака на двоецот Венко Филипче – Зоран Заев. Оставката е најнормалниот чин на човек којшто доживеал ваков дебакл.

Граѓаните јасно кажаа дека е доста од двоецот Зоран Заев – Венко Филипче.

На овие избори го декласиравме и ДУИ. ДУИ минатата година замина во опозиција, а на овие избори е декласирана. Тие изгубија катастрофално и народот им кажа што мисли за нив и нивната деструктивна и криминална политика.

Не може криминалот да се брани со историски приказни, со измислен наратив и со национална поларизација. И затоа порака и кон ДУИ и Али Ахмети беше многу јасна на вчерашните избори.

Во вториот круг очекуваме уште една голема победа, а потоа силна работа и посветеност за оправдување на довербата која што ја добивме од граѓаните“, истакна Николоски.