Предлогот на Министерството за финансии за одалечување на објектите на игри на среќа 500 метри од образовни институции ќе го затвори цел овој сектор. Од групацијата на спортски обложувалници реагираат дека ваков закон не постои во ниту една земја од ЕУ бидејќи одалеченоста на објектите нема никакво влијание на навиките на граѓаните. Бараат од Владата и од Министерство за финансии итно да се сретнат со нив за да ги образложат негативните последици доколку се донесат вакви измени во Законот за игри на среќа.
„Според анализите кои што ги направивме, ова значи затворање на 98 осто од сите објекти односно гасење на целата стопанска гранка и ова треба да е кристално јасно дека иако не е пропишано со ефектите од ваквиот Закон, де факто ќе биде тоа. Густината на населениото во нашите поголеми градови е таква, да близината на училиштата меѓу себе не оставаат простор за да нема ниту еден објект од игрите на среќа во урбаните средини“, рече Васко Илиевски- Асоцијација на спортски обложувалници.
– Advertisement –
Од Финансии велат дека се отворени и транспарентни за јавноста и со самото објавувување на предлогот на Електронскиот национален регистар укажуваат дека ќе престојат дебати за оваа тема.
„Најавата за измените и дополнувањата на Законот е веќе поставена на ЕНЕР, по што ќе следи и објавата на текстот на предлог измените и дополнувањата на Законот. Со ова, укажуваме дека ќе има отворена дебата и консултации со сите заинтересирани страни во врска со предлог решенијата“, велат од Министерството за финансии.
Најавата објавена на ЕНЕР не содржи конкретни детали дали одалечувањето ќе се однесува на ново отворените објекти или пак ќе треба и постоечките да ги селат своите објекти кои се блиску до училиштата и факултетите. Потребата од овие измени соред предлогот е дека посточкиот Закон дава можност младата популација да има лесен пристап до игрите на среќа. Предлогот ќе биде на ЕНЕР до 16 во месецов, каде може да се испраќаат забелешки и сугестии.
Андреа Чобанова