Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, денес изјави дека имал детална дискусија со военото раководство на земјата за употребата на оружје со долг дострел, вклучувајќи ракети и беспилотни летала, како и за потребата од зајакнување на таканаречените „далакусежни санкции“ против Русија.

„Разговаравме детално за употребата на нашето оружје со долг дострел, нашите ракети и беспилотни летала. Разговаравме и за производството, снабдувањето на армијата и обуката на екипите. Целта е да бидеме значително поактивни во подготовката и примената на долгорочните санкции против Русија. Колку сме поефикасни во нашиот дострел, толку побрзо ќе постигнеме мир“, рече Зеленски, објави Укринформ.

Тој истакна дека „Украина не води војна заради војна“, за разлика од Русија, туку дека сака да постигне мир. Додаде дека дури и Хамас сега покажува подготвеност за преговори, додека, како што рече, „диктаторот Владимир Путин“ продолжува да одбива.

Зеленски, исто така, нагласи дека Украина, заедно со меѓународните партнери, создава услови за „принудување на Русија на мир“. „Ги поддржуваме сите глобални дипломатски напори за мир на Блискиот Исток и цврсто веруваме дека праведниот притисок врз Русија ќе донесе мир во Украина и во целиот наш регион. Важно е американското раководство да остане активно“, заклучи Зеленски.

Тој претходно го поздрави напредокот кон мир на Блискиот Исток, велејќи дека „Русија останува главен извор на војна и терор во светот“.

Фото: принтскрин

Текстот Зеленски: Украина ја зголемува употребата на оружје со долг дострел е превземен од МАКФАКС.