Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, денеска изрази благодарност и гордост што Република Македонија беше домаќин на Дигиталниот самит на Западен Балкан, значаен настан кој ја позиционира државата и градот Скопје како клучен регионален центар за дигитални иновации.
„Со одржувањето на овој Самит, кој свечено го отвори претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, ја испраќаме јасната порака дека Македонија е подготвена да ја предводи дигиталната трансформација во регионот. Секоја дигитална реформа што ја спроведуваме е насочена кон граѓаните – кон побрзи, поефикасни услуги, кон намалување на бирократијата и создавање нови можности“, изјави Андоновски.
Тој посочи дека дигитализацијата не е само технолошка промена, туку суштинска трансформација која има директно влијание врз квалитетот на животот – за граѓаните кои бараат подобар пристап до јавни услуги, за семејствата на кои им е потребен поквалитетен здравствен и образовен систем, за компаниите кои сакаат полесно деловно работење и за младите кои ја гледаат својата иднина тука, во регионот.
Како дел од своето обраќање, министерот ја претстави и иницијативата за проширување на моделот „роаминг како дома“ кон Европската Унија – чекор кој, како што рече, ќе значи реално намалување на трошоците за комуникација и подобра дигитална поврзаност на граѓаните со Европа.
„Голема благодарност до сите кои придонесоа овој настан да биде организиран на највисоко ниво. Тимот на Министерството за дигитална трансформација вложи исклучителен труд за достојно претставување на државата и нашата визија за дигитална иднина“, истакна Андоновски во своето официјално обраќање.
Текстот Андоновски: Дигиталните реформи се двигател на подобри услуги и помалку бирократија за граѓаните е превземен од МАКФАКС.