Лекарите од странство, кои на Германија итно ѝ се потребни, наскоро, како што е планирано, ќе можат полесно да се вработат. Владата го усвои предлог-законот на министерката за здравство, Нина Варкен, кој треба да овозможи побрзо признавање на дипломите, пренесуваат медиумите во регионот.
За да се обезбеди здравствена заштита, покрај атрактивните услови за образование во Германија, потребни се и квалификувани експерти од странство, рече Варкен.
Постапките за тоа, додаде таа, треба да бидат униформни и дигитализирани.
Олеснувањата важат и за стоматолозите, фармацевтите, како и за акушерките, според министерството.
Варкен изјави дека побрзото признавање на дипломите не смее да биде на штета на високите стандарди за безбедност на пациентите и квалитетот на здравствената заштита.
Законот сè уште треба да биде одобрен од парламентот.
На крајот од минатата година имало 68.000 вработени странски лекари кои немаат германско државјанство, што е рекорд, според статистиката на Федералната лекарска комора.
Тоа е за 6,8 проценти повеќе отколку во 2023 година, анализираат медиумите.
Уделот на странски лекари се зголеми повеќе од двојно во последните 10 години. Вкупно, повеќе од 15 проценти од сите вработени лекари имаат странски пасоши, според написите.
Фото: принтскрин
Текстот Странските лекари потребни во Германија: наскоро олеснување при вработување преку побрзо признавање на дипломите е превземен од МАКФАКС.