Поединци во судството го деградираат неговиот кредибилитет, и ја уништуваат довербата на граѓаните во системот, истакна на прес-конференција Викторија Андоновска од ВМРО-ДПМНЕ.

„Секој ден сведочиме на пресуди кои се правни преседани, и кои немаат никаква правна основа, туку се темелат единствено на судската корумпираност и компромитираност. Еден таков случај е и пресудата за поправен дом за Васил Јованов убиецот на Фросина, кој кога бил фатен со дрога и иако бил полнолетен, и иако не чувствувал вина за криминалот кој го направил, наместо затворска казна, добил пресуда упатување во поправен дом. За некое време потоа да видиме колку тој поправен дом го поправил, па на булеварот Партизански одреди ја усмрти младата Фросина возејќи во алкохолизирана состојба и без возачка дозвола“.

Како што нагласи, судството кое го пушти Васил Јованов да помине со казна упатување во поправен дом, е виновно за смртта на младата Фросина на Партизанска. Да завршеше Васил Јованов во затвор наместо во поправен дом, вели Андоновска, до смртта на Фросина најверојатно нема ни да дојдело.

„Тоа што судиите во случајот Јованов пресудиле упатување во поправен дом е врв на безобразлук и немање осет за реалноста. Понесени од моќта, затвораат во затвор луѓе за кражби на ќебапи, а деликвентите ги пуштаат на слобода.

Судството мора да се менува. Промените не се опција, тие се моралност. И тие ќе се случат“, додава таа.