Неодамнешна данска студија донесе изненадувачки наоди: екстремно слабиот човек може да биде поопасен од благата дебелината или прекумерната тежина. Истражувачите, исто така, истакнаа феномен кој често се опишува како „дебел, но во форма“.

Научниците следеле 85.761 луѓе пет години, во текот на кои 8% од учесниците (7.555 луѓе) починале. Меѓу нив, 81,4% биле жени, а просечната возраст на почетокот на студијата била 66,4 години. Резултатите покажале дека луѓето кои биле со прекумерна тежина (BMI 25–30) или благо дебели (BMI 30–35) немале повисока стапка на смртност од оние со „идеален“ BMI од 22,5–25.

Од друга страна, луѓето во категоријата со недоволна тежина (BMI под 18,5) имале 2,7 пати поголем ризик од смрт. Дури и оние на долната граница од здравиот опсег (BMI 18,5–20,0) имале двојно поголема веројатност да умрат, додека оние со BMI од 20–22,5 имале 27% поголем ризик. Умерено покачените BMI не биле толку опасни – само оние со дебелина од втор степен (BMI 35–40) имале 23% зголемен ризик од смрт.

Авторката на студијата, д-р Сигрид Бјерге Грибсхолт од Универзитетската болница во Архус, предупредила дека резултатите би можеле да бидат под влијание и на обратна причинско-последична врска – односно фактот дека многу луѓе губат тежина поради болест, а не обратно.

Сепак, таа нагласува дека наодите јасно покажуваат дека недостатокот на тежина носи сериозни ризици за долговечноста.

„Болеста, а не самата мала тежина, често го зголемува ризикот од смрт, што може да даде впечаток дека повисокиот BMI е заштитен фактор. Но, во согласност со претходните истражувања, гледаме дека неухранетоста останува сериозен фактор на ризик“, објаснува д-р Грибсхолт.

Оваа студија се темели на неодамнешните откритија дека дури и слабите луѓе можат да бидат изложени на ризик од срцеви заболувања поради висцерална маст – маснотиите што се акумулираат длабоко во телото, околу црниот дроб, желудникот и цревата. За разлика од „видливите“ маснотии под кожата, оваа опасна маст не е лесно забележлива, но значително го зголемува ризикот од забрзано стареење на срцето и крвните садови.

Научниците откриле дека обликот на телото игра важна улога. Мажите со маснотии во абдоминалната област („форма на јаболко“) имаат побрзо стареечко срце, додека жените со маснотии распоредени околу колковите и бутовите („форма на круша“) имаат поздраво и помладо срце.

Затоа, ниту прекумерната слабост ниту тешката дебелина не се добар пат кон долговечност. Иако благата дебелина не мора да значи пократок живот, клучот за здравјето останува рамнотежата, правилната исхрана, физичката активност и редовните медицински прегледи.

фото: принтскрин

Текстот Дали е подобро да се биде премногу слаб или премногу дебел: научниците го имаат одговорот е превземен од МАКФАКС.