Полска нема да се двоуми да го собори секое летало што ќе го наруши нејзиниот воздушен простор и претставува закана, изјави денес премиерот Доналд Туск, како што објавија светските новински агенции.
„Ќе донесеме одлука да собориме летачки објекти ако и кога ќе го нарушат нашиот воздушен простор – апсолутно нема дебата за тоа“, рече Туск на прес-конференција.
Тој додаде дека на ситуациите што не се целосно јасни им се пристапува поинаку.
„Кога се соочуваме со околности што не се целосно недвосмислени, како што е неодамнешниот лет на руски борбени авиони над платформата Петробалтик – но без повреди, бидејќи ова не се наши територијални води – тогаш навистина треба двапати да размислиме пред да избереме потези што би можеле да предизвикаат многу акутна фаза од конфликтот“, рече тој.
Изјавата доаѓа откако Естонија ја обвини Русија во петокот дека три од нејзините борбени авиони МиГ-31 влегле во естонскиот воздушен простор над Финскиот Залив, каде што останале 12 минути пред да бидат пресретнати од НАТО. Москва го негираше тоа и го оцени како обид за зголемување на тензиите.
Обединетите нации потврдија дека Советот за безбедност денес ќе одржи итен состанок за инцидентот. Естонија побара дискусија, предупредувајќи дека постапките на Русија „ја поткопуваат безбедноста на сите членки на ОН“.
Полска претходно пријави серија слични инциденти. Во текот на ноќта помеѓу 9 и 10 септември, повеќе од 20 руски беспилотни летала влегоа во полскиот воздушен простор, а полските воздухопловни сили, со помош на сојузниците од НАТО, соборија неколку.
Минатиот петок, полските власти објавија и дека два руски борбени авиони се приближиле до платформата за дупчење „Петробалтик“ во Балтичкото Море, нарушувајќи ја безбедносната зона.
Полскиот премиер рече дека нема да донесува одлуки набрзина и без поддршка од сојузниците.
„Треба да бидам апсолутно сигурен дека сите сојузници ќе се однесуваат кон ова на ист начин како и ние“, рече Туск.
Фото: ЕПА
Текстот Туск: Нема да се двоумиме да го собориме секое летало што ќе го наруши нашиот воздушен простор е превземен од МАКФАКС.