Денес беше направен увид во градежните работи за изградба на првата училишна спортска сала во населбата Припор од страна на градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.

Новиот објект ќе биде сместен во дворот на ПОУ „Круме Кепески“ и ќе се простира на 500 квадратни метри, со рок за изведба од две години. Проектот е овозможен со поддршка од Владата, по успешната апликација на општина Кисела Вода на владиниот повик за обезбедување средства за реализација на капитални проекти, информира Општината.

Салата ќе обезбеди современи услови за спорт и рекреација на учениците и младите од овој дел на градот. Дополнително, ќе се изврши целосно партерно уредување на училишниот двор, со што ќе се создаде безбеден и функционален простор за секојдневни активности. Вредноста на проектот изнесува 16.449.974,80 денари, извести општина Кисела Вода.

Изградбата на спортската сала претставува инвестиција во подобро образование, здрави навики и развој на младите генерации во Припор. Во изминатите четири години се изгради спортска сала во Пинтија, се реконструираше салата во ООУ „Невена Георгиева Дуња“, започна изградбата на сала во ООУ „Кузман Јосифовски Питу“, заврши реконструкцијата на салата во ООУ „Партение Зографски“, како и реконструкцијата на салата во ООУ „Климент Охридски“. Во моментот е подготвена документацијата за изградба на нова сала во ООУ “„Кузман Шапкарев“, а салата „Расадник“ темелно се реконструира во соработка со Министерството за спорт, се додава во соопштението на општина Кисела Вода.

Текстот (Фото) Се гради првата спортска сала во населбата Припор е превземен од МАКФАКС.