Министерот за животна средина и вицепремиер, Изет Меџити, на прес-конференција во Владата информира дека за следење на состојбата со воздухот се ангажирани повеќе акредитирани лаборатории кои ќе продолжат со мерења и во наредните денови.
На терен веќе биле поставени 24-часовни инструменти за мониторинг, а контроли спровеле Државниот инспекторат за животна средина, лабораториите „Еуромак контрол“ и МЖСПП, како и специјализираната единица на Армијата за хемиско и радиобилошко загадување. Во тек е и ново мерење од „Амбикон“ од Штип, кое ќе трае пет дена.
Паралелно, почна административен инспекциски надзор кај компанијата „Ф Групација“, која поседува дозвола за работа издадена од Министерството со важност до 2031 година. По завршување на надзорот ќе бидат преземени сите мерки – ќе се земат мостри од почвата и ќе биде нарачано вештачење за да се утврди точниот обем на загадувањето врз животната средина.
Прашан кога ќе има резултати за квалитетот на воздухот, Меџити одговори дека денеска ќе се знаат и јавноста ќе биде известена детално и транспарентно.
Меџити потенцира и дека објектот не е куќа, туку индустриски хали со важечка лиценца. Дополнително објасни дека иако не бил дел од Управувачкиот комитет за справување со кризи и затоа не присуствувал на првата прес-конференција, но тој и Министерството постојано биле во контакт и ангажирани околу настанот.
Текстот Денес ќе бидат објавени резултатите од мерењата на воздухот, кажа Меџити прашан кога ќе се знае што дише населението е превземен од МАКФАКС.