Во Трубарево горат електронски отпад и пластика, во делови од главниот град се чувствува силна миризба, а засега нема предупредувања и насоки од здравствените и надлежните власти за заштита на населението.
„Пластиката дава густ и црн, а верувам и токсичен чад“, рече предмалку директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, од местото на пожарот. Тој истакна и дека огнот е подметнат, нема повредени лица, а пожарникарите на терен се со соодветна заштита.
„Шанса за центар“ на социјалните мрежи предупреди дека гори рециклаторен центар, соработник на НУЛТА ОТПАД – компанија овластена за преземање на литиум јонски батерии од апарати и возила, како секаков електронски отпад.
„Кога горат литиум- јонски батерии најтоксична супстанца која се ослободува е хидроген флуорид (HF), која може да предизвика тешки нарушување на здравјето доколку е во затворен или полузатворен простор. Спореде европската агенција за хемикалии (ECHA) HF е класифициран како многу токсичен, корозивен и опасен за здравјето дури и при ниски концентрации. Покрај HF, при горење на батериите гори и електролитот кој е внатре како и пластиката и амбалажата во која се спакувани. Од нив дополнително се ослободува јаглерод диоксид (CO₂), јаглерод моноксид (CO), соединенија што содржат хлор, азот, сулфур и ред други соединенија кои не се нетоксични.
Кога гори електронски отпад во кој многу често има печатени плочки, пропратна пластика и други материјалот како олово (Pb), кадмиум (Cd), хром (Cr), никел (Ni), бакар (Cu) и цинк (Zn) со горењето се создаваат соединенија кои ги содржат овие елементи. Дополнително литиум-јонските батерии при горење развиваат многу високи температури (од 800- па до 1600 степени зависно од јачината) дури прават и мини експлозии.
На социјалните мрежи се споделува и објава на Искра Јанковска Михајловска која работи на докторат на тема заштита на литиумските батерии од горење. Таа стручно, меѓудругото, објаснува дека батериите при складирање пред рециклирање се неутрализираат и има посебни мерки за заштита како и обуки на вработените. При вакви пожари треба да се евакуираат сите што се изложени на HF-хидроген флурид.
Засега нема препораки до населението, ниту податок колку е загаден воздухот во и околината на Трубарево.
„Ја информираме јавноста дека Министерството за здравство ја следи состојбата со пожарот во скопско Трубарево. Во постојана координација е со сите надлежни институции. Службите на Министерството се подготвени за навремено постапување во рамки на своите надлежности, а во зависност од натамошниот тек на настаните“, наведе Министерството за здравство во кусо соопштение.
Вештачката интелигенција децидно советува да не се излегува надвор.
„Не е препорачливо да излегуваш, дури ни за 5 минути, бидејќи во чадот од горење електроника и пластики има токсични супстанции (како диоксини и фурани) што можат да бидат штетни дури и при кратка изложеност. Ако мора да излезеш (на пример, итна потреба), тогаш стави заштитна маска (FFP2/N95) или барем хируршка маска, и обиди се да останеш што е можно пократко. Држи ги прозорците и вратите затворени во домот за да спречиш чад да влегува внатре. Ако имаш клима уред или прочистувач на воздух, користи го за да се намали загадувањето во внатрешниот простор. Дури и кратко излегување може да значи вдишување на штетни материи, па најбезбедно е да почекаш додека не се намали чадот“, советува алатката со вештачка интелигенција „Чат ГПТ“.
Министерот за здрава и животна средина, Изет Меџити, беше вклучен во живо на социјалните мрежи од Чаир, од политички настан во пресрет на локалните избори. Ниту од неговото Министерство не излегоа со препораки за пожарот.
Текстот Опасен отпад гори во Трубарево, нема насоки од властите за заштита од чадот е превземен од МАКФАКС.