Опозициската ВМРО-ДПМНЕ конечно призна дека намерно ја блокира работата на Собранието, истакна пратеникот на СДСМ Диме Велковски во дебатната емисија „Патот кон“ на телевизија Алсат.

Тој прецизираше дека неколку месеци наназад опозицијата има поднесено 471 амандман на Законот за административни службеници, 321 за Законот за високо образование, 488 за Законот за внатрешни работи, 498 за Законот за работни односи, 417 за измените и дополнувањата на Законот за здравствена заштита, 606 за измените и дополнувањата на Законот за културно наследство, како и над 3000 амандмани за измените на Деловникот за работа на собранието.

Законите се од исклучително значење за граѓаните, а опозицијата ја блокира работата на Собранието, истакна Велковски, додавајќи дека исто се случува и во комисиите, како комисијата за финансирање и буџет, на чие чело е пратеник од ВМРО-ДПМНЕ, која од октомври 2020 воопшто не разгледувала 30-тина закони.

Парламентарното мнозинство на коалицијата предводена од СДСМ е стабилно, рече Велковски, додавајќи дека, разговараме врз основа на политиките кои што се спроведуваат, а ако најдеме заеднички јазик, парламентарното мнозинство ќе се зголеми.