Митко Јанчев, градоначалник на Кавадарци, кој во 2018-та година беше исклучен од партијата ВМРО-ДПМНЕ, во гостувањето на дебатниот магазин на ТВ21 изјави дека доколку тој биде на чело на оваа партија, за што секако има и амбиција, никогаш нема да влезе во „белата палата“. Како што вели доколку ВМРО-ДПМНЕ добие ново раководство, од кое и тој ќе биде дел, ќе застанат пред седиштето на опозициската партија и ќе ветат дека никогаш нема да влезат во овие прострори.

Воедно додаде дека не е добро партија, која се декларира како народска партија да има такви простории кои се тешки за одржување, но и даваат погрешна слика кај граѓаните.

„Доколку Митко Јанчев биде дел од идното раководство на ВМРО-ДПМНЕ и доколку има идно раководство, заедно со идното раководство нема да влезе во белата палата. Пред палатата ќе си дадеме заклетва, ќе си дадеме легитимитет и ќе си бараме просторија каде треба да функционираме“, посочи Јанчев.