Холандија се соочува со висок ризик од големи прекини на електричната енергија по 2030 година доколку енергетските компании не добијат средства за одржување на гасните електрани во функција, според извештајот објавен денес од меѓународната консултантска компанија „Kompas leksekon“ за здружението „Energi Nederland“.
Според анализата, во следните пет години снабдувањето со електрична енергија во Холандија ќе биде доволно дури и во периоди без сонце и ветер, но по тој период ситуацијата би можела одеднаш да се влоши, објавува „NL Times“.
Холандија планира да ги затвори последните три термоелектрани на јаглен до 2029 година, додека електраните на гас стануваат сè помалку профитабилни поради проширувањето на капацитетот на ветерните фарми и сончевите панели.
Во исто време, потрошувачката на електрична енергија брзо расте, а бројот на топлински пумпи и електрични возила се зголемува.
Проценките покажуваат дека Холандија веќе би можела да се соочи со 15 до 18 часа годишен недостиг на електрична енергија до 2033 година, што е четири пати повеќе од прифатливиот максимум од четири часа.
Ова би предизвикало неконтролирани прекини во снабдувањето и екстремно високи цени на електричната енергија.
Во овој момент, сигурноста на системот е 99,99 проценти.
Операторите го одложуваат големото одржување на гасните електрани бидејќи тоа повеќе не е профитабилно за нив поради брзото зголемување на употребата на ветерна и сончева енергија, предупредува претседателката на „Енерџи Холанд“ Кора ван Нивенхаузен и додава дека извештајот претставува „сериозно предупредување“.
„Kompas lexekon“ предлага воведување на пазарен механизам што би обезбедил плаќања на операторите за работа во периоди кога обновливите извори не можат да ја задоволат побарувачката и би стимулирал нови инвестиции во електрани и системи за складирање енергија од батерии (BESS).
Се проценува дека социјалната корист од споменатите мерки изнесува од 2,5 до 3 милијарди евра годишно преку пониски цени и намалување на ризикот од прекини на електричната енергија.
Истражувачите заклучуваат дека „превенцијата е подобра од лекувањето“, односно дека е поповолно да се реагира и да се инвестираат ресурси сега, бидејќи евентуалното санирање на последиците би можело да биде многу поскапо.
Фото: принтскрин
Текстот Холандија: Висок ризик од големи прекини на електричната енергија по 2030 година е превземен од МАКФАКС.