Унгарскиот премиер Виктор Орбан изјави дека Европската Унија, под водство на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, се движи кон бездната.

Според него, би било подобро фон дер Лајен да „се спакува, тивко да си оди дома и да им го остави Брисел на оние кои се способни да создадат подобри политики“. „Сите важни политики на ЕУ треба да се преиспитаат, бидејќи блокот се движи кон бездната под Урсула фон дер Лајен. Четири до пет главни политики треба да се укинат и заменат, што фон дер Лајен не е во можност да го направи“, рече Орбан во интервју за време на работната посета на Абу Даби, пренесува MTI.

Во таа прилика, премиерот на Унгарија ја спомена и зелената транзиција поврзана со високите цени на енергијата, политиката кон Украина, санкциите, трговската политика во рамките на која беше постигнат „лош договор“ со САД и миграциската политика како области што „мора да се преиспитаат“.

Орбан рече дека Унгарците двапати биле турнати во војна со ужасни последици за земјата, додавајќи дека политичари како фон дер Лајен ги вовлекле во неа.

„Дами и господа кои зборуваат германски, домородните Германци кои се безбедни на Запад се обидуваат да ги вовлечат централноевропејците, вклучително и Унгарците, во војна. Ова е неприфатливо“, истакна Орбан.

Фото: принтскрин

Текстот Орбан: ЕУ под водство на Урсула фон дер Лајен брза кон бездната е превземен од МАКФАКС.