Главниот град на Катар, Доха, утрово се врати во вообичаениот ритам: автомобили се движат по улиците, а облакодерите блескаат на сонцето. Сепак, тензиите на Блискиот Исток растат, а се поставува и клучно прашање – каде се границите на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во неговата конфронтација со Хамас, ако воопшто ги има, објавува Би-Би-Си.

Досега, нападот врз Хамас на катарска територија се сметаше за црвена линија што Израел нема да ја премине. Вчерашниот напад го разби тоа верување – заедно со евентуалните шанси за договор за прекин на огнот во Газа.

Хамас тврди дека израелскиот напад ги промашил своите главни цели, меѓу кои бил и протераниот лидер на Газа и главен преговарач Калил ал-Хаџа. Нема официјални информации за неговата состојба или местоположба. Палестински извор надвор од Газа тврди дека Хаџа е сериозно ранет, дека е во болница и дека лекарите не му даваат многу шанси за преживување. Ова не е потврдено, а нема вести од Хамас во Газа.

Она што е познато е дека синот на Хаџа, шефот на неговата канцеларија и тројца телохранители се убиени. Останува нејасно дали телохранителите биле со него во времето на ударот, но според протоколот требало да бидат.

Претставниците на Хамас во Доха не се достапни, нивните телефони се исклучени. По години релативно слободно движење во Катар, тие сега веројатно носат многу различни одлуки. Впечатокот е дека повеќе нема правила.

Во кварт со луксузни вили и дипломатски резиденции, недалеку од местото на ударот, улиците се застрашувачки празни.

Израелскиот напад направи голема дупка во зградата каде што раководството на Хамас се состануваше за да разговара за мировниот предлог на САД. Репортер на Би-Би-Си успеа да види дел од штетата, но присуството на полицијата го спречи да се приближи. Според медиумските извештаи, израелските претставници го нарекоа нападот со кодно име „Суден ден“.

Во локален фризерски салон, новинарите разговараа со сведокот, 42-годишен маж кој сакаше да остане анонимен. Стравот беше видлив на неговото лице додека ги раскажуваше моментите од нападот.

„Бучавата беше толку гласна што срцето ми чукаше како лудо“, рече тој. „Мислев дека е крај на светот. Слушнав пет ракети и почнав да бегам. Многу луѓе трчаа. Нормално ништо не се случува тука“, додаде тој. Кога го прашаа дали се плаши дека Израел може повторно да нападне, тој тивко одговори: „Многу се плашам“.

Без разлика дали Израел ги погодил предвидените цели, едно е сигурно – успеа да го налути американскиот претседател Доналд Трамп и да го разбесни Катар. Државата од Персискиот Залив е клучен сојузник на САД, каде што од 2012 година е домаќин на политичкото раководство на Хамас, како и на американските воени бази.

Катар го нарече израелскиот напад „државен тероризам“.

Катарскиот премиер Мохамед Ал Тани рече дека САД не ја известиле Доха однапред. Првиот повик од американски службеник дошол, тврди тој, само 10 минути по почетокот на нападот.

Текстот Катарците за израелскиот напад: „Мислев дека e крај на светот“ е превземен од МАКФАКС.