Ноќеска околу 3 часот по полноќ целосно изгоре возилото на Ѓорги Галетановски – Чомбе, претседател на скопската организација на СДСМ и поранешен директор на Зоолошката градина. Автомобилот бил паркиран пред неговата зграда во Кисела Вода.

Противпожарната екипа брзо интервенирала и го изгаснала пожарот, откако граѓаните слушнале детонации од пукнати гуми. Галетановски го потврди настанот, истакнувајќи дека нема конфликти или претходни закани и апелирајќи до МВР што поскоро да го пронајде сторителот.

Случајот се надоврзува на серијата инциденти со опожарени возила во Скопје во последните месеци. Засега мотивите не се познати, а клучни за истрагата ќе бидат снимките од околните камери и наодите на крим-техника.

МВР сè уште нема излезено со официјална информација за увидот или можни осомничени лица.