Образовниот систем во Македонија ја почна хаотично новата учебна година, откако се покажа дека учениците немаат учебници, иако од ВМРО-ДПМНЕ го ветуваа спротивното.

„Иако во предизборните ветувања беше кажано дека сите ученици ќе добијат нови учебници, вистината е сосема поинаква. Самата министерката Јаневска призна дека учебници нема, иако се потрошени над 11 милиони евра од буџетот на граѓаните“, истакнуваат од СДСМ.

Недостасуваат учебници за математика и историја за 8-мо одделение, а родителите се приморани да печатат материјали од Вибер-групи. Проблемот е уште поголем за стручните училишта, каде што цели генерации немаат учебници по управно, процесно, правно и државно уредување.

„Учебници има само за најмалите ученици, од прво до трето одделение, додека за четврто и петто одделение ситуацијата е катастрофална. Одговорноста за овој хаос е кај министерката Јаневска и премиерот Мицкоски. Тие излажаа и ги изневерија учениците, родителите и наставниците“, велат од СДСМ.

Од партијата додаваат дека ваквите состојби не смеат да се повторуваат и повикуваат на итна интервенција за обезбедување учебници за сите ученици.

Текстот Учениците се оставени без учебници, родителите печатат материјали од Вибер, реагираше СДСМ е превземен од МАКФАКС.