СДС не бирале средства и методи за да остане на власт колку што можат подолго. Злоупотребувале институции, државни средства и цел безбедносно разузнавачки апарат. Со цел одржување на власт, СДС ги ставиле во партиска функција за политички цели безбедносните служби да следат и прислушкуваат политички противници, бизнисмени, новинари и јавни личности, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

„Како тогаш најголема опозициска партија, СДС со помош на нивните кадри поставени во агенциите за разузнавање и за безбедност, пет години го следеле и прислушкувале претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

Тоа го правеле со единствена цел политичка елиминација на Мицкоски, како единствен којшто може да им се спротивстави и да ги победи на избори, нешто што и се случи и покрај недемократските, да не речеме тоталитарни, мерки.

Со следењата и прислушкувањата сакале да го запрат нивниот пад од власт и да го придушат и замолчат секој слободен и кон нив критичен глас на новинарите и јавните личности, како и да уценуваат стопанственици.

Во периодот од 2019 до 2024 година, СДС владееле со злоупотреба на службите како да се партиска алатка за останување на власт.

Трагично е да се гледаат СДС, кои од уста не ја вадеа демократијата, како ги злоупотребувале службите и со најнедемократските методи ги ограничувале правата на слободно движење и изразување на граѓаните загарантирани со Устав и закон“.

Од партијата на власт додаваат дека цели пет години, службите биле користени за да се одржат на власт Зоран Заев и Венко Филипче и кликата околу нив, наместо за безбедноста на државата и граѓаните.

Уште потрагично, како што велат, е тоа што за сето ова, асистенција им правел сегашниот главен обвинител Коцевски, кој бил одговорен за следење на издавањето на ПИ мерките, кој според ВМРО-ДПМНЕ, е главната алка во синџирот на СДС за следење и прислушкување на претседателот Мицкоски, новинари и бизнисмени.

„Тоа е истиот тој Коцевски кого СДС толку силно го бранеа во Собрание за време на гласањето на интерпелацијата против него, а веќе се гледа зошто го бранеа и не гласаа за негово разрешување.

Бараме и очекуваме ЈО да се надмине себеси и за овој скандал од невидени размери да отвори сеопфатна истрага која ќе ги опфати сите кои ги злоупотребиле институциите и ќе ги извади пред лицето на правдата“.

Текстот Пет години безбедносните служби го прислушкувале Мицкоски, наместо за безбедноста на државата, работеле да се одржат на власт Заев и Филипче, велат од ВМРО-ДПМНЕ е превземен од МАКФАКС.