Генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Ѓорѓија Сајкоски, најави дека на 23 и 24 август во хотелот „Холидеј Ин“ во Скопје ќе се одржи Саем – Отчет под мотото „4 години работа за тебе“, на кој градоначалниците од оваа партија ќе го презентираат сработеното во изминатиот мандат.

Настанот ќе почне во сабота во 11 часот со обраќање на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. Во текот на двата дена ќе се одржат повеќе панел-дискусии на кои градоначалниците, поделени по региони, ќе ги претстават реализираните проекти.

Секоја општина ќе има и свој штанд на кој граѓаните и новинарите ќе можат директно да се запознаат со постигнувањата на локалната власт.

Во недела програмата ќе продолжи од 10 часот, со панели посветени на темите: „4 години развој и прогрес“, „инфраструктурни инвестиции“, „вклученост на граѓаните во носењето одлуки“ и „меѓународна соработка“.

„Разликата меѓу општините во 2021 и денес е огромна и мерлива. Ветените и реализирани проекти ја покажуваат посветеноста и одговорноста на нашите градоначалници,“ изјави Сајкоски, додавајќи дека со овој отчет ВМРО-ДПМНЕ ја покажува отчетноста и транспарентноста кон граѓаните.

Текстот ВМРО-ДПМНЕ викендов организира Саем за отчет на градоначалниците е превземен од МАКФАКС.