Дваесет и осумгодишен маж вчера избега од Општата болница во Костур во Грција, каде што беше задржан под полициска придружба по операцијата. Во тек е општа потрага по него, па властите апелираат до јавноста да отори четири очи.

Според извештаите на грчките медиуми, затвореникот, државјанин на Албанија, ја искористил небрежноста на двајца полицајци кои го чувале. Наводно, тој успеал да избега кога му дозволиле да излезе надвор на цигара.

Мажот неодамна беше уапсен за кршење на законот за странци, поседување дрога и непослушност, додека против него се водеа неколку многу сериозни судски постапки – 12 години затвор и парична казна од 50.000 евра за кршење на законот за дрога, а за негово апсење има и налог од Апелациониот суд во Солун.

Полицијата интензивно го бара на северот од земјата, со континуирани проверки на раскрсниците, патиштата и возилата што се движат кон Лерин, Кожани и границата со Албанија. Во исто време, се истражуваат околностите под кои затвореникот успеал да избега, додека случајот покрена прашања за начинот на кој бил приведен.

Треба да се напомене дека бегалецот неодамна бил повреден во обид да избега преку нерегулиран граничен премин кон Албанија со помош на 29-годишен сонародник, при што ја скршил ногата и бил префрлен во болница во Костур на операција, од каде подоцна успеал да избега.

Текстот Затвореник им побегна на полицајците во Грција кога излегол на цигара: „Опасен е, отворете четири очи“ е превземен од МАКФАКС.