Албанија ја интензивира употребата на вештачката интелигенција (ВИ) во државното управување со цел да го забрза процесот на пристапување кон Европската Унија и борбата против корупцијата, соопшти владата на земјата.
Албанскиот премиер Еди Рама минатиот месец ја објави можноста за формирање министерство што целосно би било управувано од вештачка интелигенција опишувајќи ја ВИ како најефикасен иден член на владата, пишува бриселски „Политико“.
„Еден ден можеби дури и ќе имаме министерство што ќе биде целосно управувано од вештачка интелигенција. На тој начин нема да има непотизам или судир на интереси“, рече Рама на прес-конференција во јули осврнувајќи се на дигитализацијата.
Локалните ИТ-експерти веќе развиваат модели што би можеле да се користат за избор и назначување дигитални министри, а Рама сугерира дека Албанија би можела да стане првата земја со цела влада базирана на вештачка интелигенција, вклучувајќи го и премиерот.
Иако идејата сè уште не е преведена во официјалната политика, вештачката интелигенција веќе се применува во неколку сектори на државната администрација: од контролата на јавните набавки и следењето на даночните и царинските трансакции до откривањето нелегална градба, надзор на плажите и на плантажите со канабис со помош на дронови и сателити.
Со цел да се подобри безбедноста на патиштата властите планираат да користат препознавање лица за да испраќаат дигитални предупредувања и казни до возачите.
Вештачката интелигенција се користи и во дигиталните јавни услуги – повеќе од 95 проценти од административните услуги се достапни преку порталот e-Albania, каде што на граѓаните им помага виртуелен службеник за вештачка интелигенција.
Според владини податоци, платформата овозможила повеќе од 49 милиони трансакции и им заштедила на граѓаните повеќе од 600 милиони евра.
Албанија ги почна преговорите за членство во ЕУ во 2022 година, а вештачката интелигенција сега се користи за преведување и анализа на сложени правни документи во процесот на усогласувањето со законодавството на ЕУ, кое опфаќа речиси 250.000 страници.
Иако властите ги нагласуваат предностите на технологијата, експертите и опозицијата предупредуваат дека вештачката интелигенција не е замена за реформите.
Како дел од промотивните активности, вештачката интелигенција беше користена и за создавање анимирани бебешки верзии на европските лидери на самитот во Тирана во мај, кои ги пречекаа гостите со дигитални гласови на нивниот мајчин јазик.
Текстот Албанија размислува за прво министерство управувано од вештачка интелигенција е превземен од МАКФАКС.