На 11 август 2014 година, светот го загуби еден од своите најомилени актери и комичари – Робин Вилијамс. Неговата смрт во семејниот дом во Калифорнија беше шок за милиони обожаватели низ целиот свет.
Официјалните извештаи потврдија дека тој извршил самоубиство, но вистинaта за причините за неговото страдање стана позната дури по обдукцијата. Првично се претпоставуваше дека Вилијамс страдал од тешка депресија, а некои медиуми дури тврдеа дека се вратил на алкохолизмот, за кој успешно бил лекуван години претходно. Сепак, неговата сопруга, Сузан Шнајдер Вилијамс, одлучи да ја открие вистината.
Таа рече дека во месеците пред неговата смрт, Робин покажувал загрижувачки невролошки симптоми: несоница, ненадејни промени во расположението, халуцинации, губење на меморијата, интензивна анксиозност и параноја. Неговиот карактер, познат по топлина и интелектуален увид, одеднаш се променил.
На Робин му беше дијагностицирана Паркинсонова болест, но таа дијагноза не ги објаснуваше сите симптоми. Дури по неговата смрт, обдукцијата откри дека страдал од дифузна деменција со Левиеви тела – прогресивна и разорна невролошка болест предизвикана од абнормално натрупување на протеинот алфа-синуклеин во мозочните клетки. Оваа болест е втора најчеста форма на деменција, по Алцхајмеровата болест, и е познато дека предизвикува комбинација од когнитивни, психијатриски и моторни симптоми.
„Мозокот на мојот сопруг буквално се распаѓаше. Болеста беше како терорист што го носеше во себе. Луѓето многу зборуваат за менталното здравје, но не доволно за мозочните болести. Робин немаше психолошки проблем, туку невролошка болест“, изјави Сузан во интервју за „Гардијан“.
Првите симптоми се појавиле речиси незабележливо – болки во стомакот, проблеми со варењето, треперење на рацете. Потоа дошло до несоница, која го исцрпувала ноќ по ноќ. Набрзо почнале халуцинации и епизоди на конфузија.
„Стана параноичен, што не беше карактеристично за него. Оваа болест е ужасно збунувачка – симптомите постојано се менуваат, понекогаш исчезнуваат, а потоа се враќаат во нова форма. Ова ги збунува и семејството и лекарите“, се присети Сузан.
Вилијамс планирал да оди во специјализирана установа за неврокогнитивни тестови, но една недела пред планираниот прием, си го одзеде животот. Неговата сопруга верува дека мислел дека трајно ќе биде хоспитализиран и дека никогаш повеќе нема да му биде дозволено да се врати дома.
По неговата смрт, Сузан стана страствен застапник за подигање на свеста за деменцијата. Таа истакна дека депресијата на Вилијамс е симптом, а не причина за неговата смрт и дека е клучно ваквите болести да се препознаат и правилно да се дијагностицираат. Таа започна кампањи, соработуваше со медицински експерти и учествуваше во снимањето на документарниот филм „Желбата на Робин“, кој ги осветлува последните месеци од неговиот живот и испраќа силна порака за важноста на разбирањето на невродегенеративните болести.
Текстот Сопругата на Робин Вилијамс откри детали за неговата состојба и причините за самоубиството е превземен од МАКФАКС.