Легендарната хрватска пејачка Габи Новак почина на 89-годишна возраст, објавија хрватските медиуми.
По загубата на сопругот Арсен Дедиќ, кантавтор и композитор, со кого беше во брак повеќе од четири децении, на 17 август 2015 година, Габи Новак се соочи со уште една тешка лична трагедија на почетокот на јуни оваа година – смртта на нивниот син Матија Дедиќ, еден од најистакнатите хрватски џез-пијанисти, кој почина на 8 јуни во Загреб на 52-годишна возраст.
Таа целосно се повлече од јавниот живот пред смртта.
Во текот на богатата кариера таа снимила голем број албуми и синглови и соработувала со врвни композитори и музичари. Нејзините уметнички достигнувања се потврдени со многубројни награди, меѓу кои и неколку „Порин“ – во 2002 година за најдобра џез-изведба, во 2003 година за албум на годината, најдобар женски вокал, најдобар поп-албум и најдобра вокална соработка, а во 2006 година ја доби наградата „Порин“ за животно дело.
Габи Новак честопати е нарекувана прва дама на хрватската поп-музика, а нејзината интерпретација, емоционален израз и уметнички стандард оставија траен белег врз музичкото наследство на Хрватска и поширокиот регион.
фото: принтскрин
Текстот Почина Габи Новак е превземен од МАКФАКС.