Од 25 август до 6 септември, на 13 локации во 9 градови, ќе се одржи јубилејното 15. издание на Баскерфест — најпознатиот и најпосетуван уличен фестивал во земјава. По неколкугодишна пауза, фестивалот повторно ќе ги оживее плоштадите и булеварите со шарени уметнички настапи, радост и позитивна енергија.
Под мотото „Побарај ја забавата“, инспириран од шпанскиот збор buscar (барај), Баскерфест ќе понуди уникатно улично искуство без билети и сцена, каде што улиците ќе станат сцена за акробати, жонглери, кловнови, музичари, танчери, илузионисти и други улични артисти од целиот свет.
Оваа година фестивалот ќе собере над 20 артисти од Полска, Србија, Албанија, како и од далечните Чиле, Бразил и Канада, кои ќе ги споделат своите уметнички таленти и ќе создадат непредвидливи и возбудливи моменти за публиката.
Секоја вечер ќе биде дополнета со музичка програма која ќе го збогати визуелниот спектакл со звук и ритам, овозможувајќи уште поголема блискост помеѓу уметниците и посетителите.
Баскерфест 2025 е единственото уметничко доживување кое живее на улица, создавајќи атмосфера исполнета со смеа, аплаузи и забава. Сите заинтересирани се повикуваат да го доживеат фестивалот, да повикаат пријатели и да уживаат во ритамот на уличната магија.
Текстот 15 години Баскерфест – уличната магија тргнува на пат низ Македонија е превземен од МАКФАКС.