Управата за јавни приходи информира дека заклучно со 25 јули 2025 година евидентирана е загрижувачка состојба во однос на исполнувањето на обврските поврзани со данокот на додадена вредност (ДДВ).
„Според последните податоци: не се поднесени ДДВ-пријави од 142 месечни и 2.134 тримесечни обврзници. Пријавен, но неплатен ДДВ-долг е евидентиран кај 1.326 месечни и 7.748 тримесечни обврзници.
Директорката на Управата за јавни приходи, Елена Петрова, со порака: „Непочитувањето на законскиот рок е сериозен прекршок. Сите обврзници кои не поднеле ДДВ-пријава или не го платиле ДДВ-долгот се повикуваат итно да постапат согласно законските прописи. Даночната дисциплина не е избор, туку законска обврска и одговорност на секој граѓанин и компанија, темел за функционална држава.“
Управата за јавни приходи, како што додаваат во информацијата, веќе доставила персонализирани известувања до сите ДДВ-обврзници кои имаат пријавен, а ненаплатен долг за соодветниот даночен период.
„Преку координирано постапување и интензивна комуникација со даночните обврзници и со сметководителите, се спроведува целосен сет активности и мерки — со цел да се избегнат блокади на сметки и дополнителни трошоци за присилна наплата. За секој ден на задоцнување, се пресметува камата во износ од 0,03% од преостанатиот долг. По доставата на опомените, управата ќе пристапи кон присилна наплата кај сите обврзници кои нема да го подмират долгот доброволно. Со цел навремено информирање и исполнување на обврските, како и обезбедување солидна даночна историја, УЈП останува во постојана комуникација со сите релевантни страни“./Mакфакс
Текстот УЈП со повик за исполнување на ДДВ обврските: евидентирана е загрижувачка состојба е превземен од МАКФАКС.