Собранието денес ја изгласа интерпелацијата на државниот обвинител Љупчо Коцевски, поднесена од партијата „Левица“. Со 71 глас „за“, без воздржани и без гласови против, Собранието констатира дека наводите во интерпелацијата се основани.

Партијата Левица ја поднесе интерпелацијата минатиот месец поради селективност во истрагата за пожарот во Кочани, политичко влијание во работата на Обвинителството, функционален хаос во Вишото јавно обвинителство Скопје и непостапување по службена должност за дивоградбите во Скопје.

Пред почетокот на седницата, на прес-конференција, пратеникот од СДСМ, Јован Митрески кажа дека партијата нема да учествува во гласањето оти  интерпелацијата за јавниот обвинител, Љупчо Коцевски, нема правни последици туку дека е негова одлука дали ќе остане на функцијата. Митрески нагласи дека како пратеничката група на СДСМ и Коалицијата останува на принципиелниот став дека јавното обвинителство мора да биде независно, ослободено од политичко влијание и притисок и сите одлуки мора да се по словото на законот и никако поинакви./ МАКФАКС.