Во изминатиов период кажувавме дека голем дел од пожарите низ државата се подметнуваат од структури блиски до СДС, а денес имаме и докази. Полицијата го уапсила лицето А.Н. шофер на Зоран Заев за подметнување на пожар, изјави Миле Лефков, пратеник од ВМРО-ДПМНЕ.
Фактот што шоферот на Заев ги подметнувал пожарите, додаде тој, отвора прашање, каква е вмешаноста лично на Венко Филипче, знаејќи за нивната блискост и поврзаност?
„Дали има организирана група во СДС за палење пожари и предизвикување хаос во државата? Ако човек од најблиското опкружување на Заев пали, тогаш се поставува прашањето не само дали, туку колкумина се дел од организирана структура и мрежа на пиромани“, праша Лефков.
Тој го повика Филипче, ако не стои заедно со Заев зад потпалувањето на пожарите, јавно да се откаже од него, наместо да биде негов потрчко и извршител.
Лефков рече дека според информации на партијата шоферот на Заев подметнал пожар во атарот на браната Водоча во Струмица.
„Ова е доказ дека пожарите во Македонија не се природна непогода, туку смислено сценарио на СДС и луѓе блиски со нив, со цел создавање нестабилност и хаос во државата. Крајната цел како што кажавме веќе била да се обвинат институциите дека не можат да се справат со пожарите“, рече Лефков.
Тој ги повика институциите да го казнат со најстрога казна шоферот на Заев, но во исто време да истражат до каде води линијата на наредба.
„Очекуваме од јавното обвинителство да не го штити шоферот на Заев. Одговорност мора да има, како за потпалувачите на пожарите, така и за нивните политички ментори“, рече Лефков./ МАКФАКС