Поранешниот полицаец Игор Спасов осуден за убиството на Мартин Нешкоски, кој се бараше со меѓународна потерница, уапсен е вчера во поппладневните часови во населбата Младост во Софија од страна на бугарската полиција по добиена дојава. Според информациите на Бугарското национално радио, тој не се противел при апсењето.
МВР потврди дека се известени од бугарските колеги дека по распишаната меѓународна потерница вчера е приведен Игор Спасов.
Спасов е осуден на 14 години затвор за убиството на Мартин Нешкоски што се случи на плоштадот во Скопје на прославата на победата на ВМРО-ДПМНЕ на парламентарните избори во 2011 година.
МВР распиша меѓународна потерница за Спасов на крајот на октомври 2019 година откако тој не се врати во затворот по завршување на лекувањето.