Патнички авион на американската авиокомпанија „Делта ерлајнс“, кој летал кон Атланта, мораше итно да се врати на аеродромот во Лос Анџелес откако се појавил оган во левиот мотор веднаш по полетувањето. Станува збор за авион од типот „Боинг 767-400“, кој безбедно слета, а противпожарните служби веднаш интервенираа и го изгасија пожарот.

Инцидентот се случил додека леталото било над Тихиот Океан, набргу по напуштањето на меѓународниот аеродром во Лос Анџелес. Според изјавата од авиокомпанијата, пилотите забележале аларм за дефект на моторот и веднаш прогласиле вонредна состојба.

Контролата на летање му дала приоритет на авионот за враќање, а противпожарните и спасувачките екипи го очекувале на пистата.

На снимки кои беа објавени на социјалните мрежи, може да се види како од левиот мотор излегуваат пламени јазици.

Во авионот имало 235 патници, кои безбедно се евакуирани по слетувањето. Еден од патниците изјавил дека капетанот информирал оти противпожарните екипи проверуваат дали пожарот навистина е изгаснат.

Федералната авијациска управа на САД (FAA) ја започна истрагата за да го утврди точниот причинител на пожарот. Засега, конкретниот технички дефект кој довел до инцидентот сè уште не е официјално потврден.

Текстот (Видео) Авион со 235 патници се запали додека леташе над Тихиот океан е превземен од МАКФАКС.