„Францускиот предлог“, кој предвидува впишување на Бугарите во Уставот на Република Северна Македонија како услов за напредок во евроинтеграциите, нема повторно да се отвора за преговори. Ова го изјави амбасадорката на Сојузна Република Германија во Бугарија, Ирена Марија Планк, во интервју за Бугарската национална телевизија (БНТ), пренесува Трибуна.

„Овој договор е резултат од единствен консензус на сите земји во ЕУ и тој е во основата на Северна Македонија да ги започне преговорите за членство во Сојузот“, рече Планк.

„Тоа не е билатерално прашање, како што често слушаме. Тоа е позиција на 27-те членки на ЕУ.“

Таа нагласи дека владеењето на правото и почитувањето на меѓународните договори се клучни за европскиот пат на Северна Македонија.

„Врховенството на законот е еден исклучително важен аспект во преговорите за членство на Северна Македонија во ЕУ. Другиот важен момент во овој процес е дека договорите треба да се почитуваат и спроведуваат.“

Во врска со регионалната инфраструктура, амбасадорката испрати конкретна порака до лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, околу распределбата на европските средства.

„Мицкоски треба да знае дека македонската влада не може да зема средства од Коридор 8 и да ги пренасочува кон изградбата на Коридор 10 и врската помеѓу Северна Македонија и Србија.“

Планк посочи дека напредокот во изградбата на Коридор 8 не е на ниво кое го очекуваат европските партнери.

„Изградбата не напредува на посакуваниот начинот.“

Сепак, таа изрази оптимизам по последната средба во Истанбул помеѓу министрите за транспорт на Бугарија и Северна Македонија.

„Сѐ уште сум оптимист за изградбата на Коридор 8 по средбата што се одржа во Истанбул помеѓу министрите за транспорт на Бугарија и Северна Македонија.“

Амбасадорката подвлече дека овој инфраструктурен проект има пошироко геополитичко значење, особено во светло на руската агресија врз Украина.

„Овој коридор е многу важен за Украина во контекст на руската инвазија.“

Во тој контекст, Планк потсети дека Германија останува силен поддржувач на Украина.