Поради прекинот во водоснабдувањето на Универзитетската клиника за белодробни заболувања кај децата – Козле, пациентите кои имаат потреба од хоспитализација времено ќе бидат згрижени на Универзитетската клиника за детски болести и на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби.
Во објектот во Козле ќе продолжат со работа дневната болница и амбулантските прегледи.
Министерството за здравство информира дека ваквата мерка е преземена со цел да се обезбеди континуитет во третманот и грижата за најмладите пациенти. Оттаму додаваат дека состојбата се следи, и веднаш по нормализирање на водоснабдувањето, хоспитализацијата во Козле ќе продолжи непречено.
Клиниката од вчера остана без вода. Во случајот, не станува збор за дефект туку причина е што болницата се наоѓа во висока зона, па нема вода исто како и целата населба Водно./ Макфакс