Кога српскиот претседател Александар Вучиќ демонстративно го бакна кинеското знаме на аеродромот во Белград во март минатата година откако доби серија заштитни маски од Кина, Европа не можеше да не се изненади. Слична беше реакцијата и кога Белград беше исполнет со постери со ликот на кинескиот претседател и зборовите „Благодарам, братко Си“.
Неодамна, дури и најискрените противници на српскиот претседател изјавија дека неговите напори да одржува добри односи со Пекинг конечно се исплателе. Бидејќи ниту една друга земја во Европа во моментов не врши вакцинација со темпото со кое, тоа го прави Србија, напиша Михаел Мартенс во „Франкфуртер алгемајне цајтунг“. Србија е дури пред Германија и Франција. Само Велика Британија се справува подобро.
Србија набавува вакцини од разни земји и производители
Како што вели српскиот министер за здравство Златибор Лончар, успехот на Србија во вакцинирањето се должи, меѓу другото, и на фактот дека, за разлика од западните земји, земјата вложила напори да добие вакцини од сите производители. Затоа денес Србија располага со вакцината на BioNTech и Pfizer, руската вакцина „Спутник V“ и кинеската „Синофарм“. „За разлика од другите земји, во Србија, граѓаните можат да изберат која вакцина ја сакаат“, објаснува Лончар.
За да ги убеди оние кои се двоумат за кинеската вакцина, министерот се вакцинираше токму со неа. Спикерот на српскиот парламент Ивица Дачиќ и министерот за внатрешни работи Александар Вулин, пак, се вакцинираа со руската вакцина.
Повеќето Срби ја избираат вакцината Спутник В.
Државниот секретар на Министерството за здравство Мирсад Јерлек објаснува дека рускиот лек е најпосакуван во Србија. Досега 40 проценти од оние кои сакаат да се вакцинираат сакаат да го сторат тоа со Спутник V, а поддржувачите на вакцината BioNTech и Pfizer се околу 28 проценти.
Но, Кина, од каде што досега се испорачани еден милион дози од вакцината Синофарм, игра клучна улога во водечката позиција на Србија во однос на вакцинацијата. По приемот на првата испорака, претседателот Вучиќ рече: „Горди сме на нашите добри односи со Кина“ и дека „најмалку сто дена“ работеле со кинескиот амбасадор за да ја обезбедат испорачаната количина.
Од своја страна, министерот за здравство вели дека Србија има намера да го задржи сегашното темпо на вакцинација: „Нашата стратегија предвидува да постигнеме колективен имунитет до летото“. Српската влада исто така има предност и поради фактот што ги контролира голем дел од медиумите во земјата. И иако антиваксерите не се целосно изолирани, нивните ставови остануваат на маргините.
Вучиќ ги користи вакцините за надворешно-политички цели
Благодарение на добиените значајни испораки, Србија исто така си дозволува да спроведува регионална политика за вакцинирање – 8.000 дози BioNTech и Pfizer беа продадени на Северна Македонија, а мала пратка од 55 дози беше доставена до северниот дел на Косово, што се наоѓа под контрола на Србија.
Покрај тоа, Вучиќ веќе објави дека започнува голема кампања за вакцинација во овој дел на Косово, која првично ќе ги опфати лицата над 75 години, а потоа и сите други. Неговите изјави предизвикаа сериозни немири во Косово – имајќи предвид дека тој ефикасно се меша во суверенитетот на независна држава, признаена од повеќето европски земји, но не и од Србија./БГНЕС, DW