Потпишана е Заедничка декларација помеѓу Царинската управа на Македонија и Министерството за трговија на Република Турција за царинска соработка со што двете страни се обврзуваат заеднички да делуваат во борбата против организираниот криминал и забрзување на протокот на легална трговија.
Заедничката декларација денеска во Анкара ја потпишаа директорот на Царинската управа на Македонија, Бобан Николовски, и заменик-министерот за трговија на Република Турција и надлежен за царински политики, Сезаи Учармак.
„Заедничката декларација е потврда за нашата посветеност на блиска соработка и взаемна поддршка во остварување на заедничките цели – жестока борба против организираниот криминал и унапредување на легалната трговија. Со декларацијата се обврзуваме на креирање заеднички профили на ризик, директна комуникација во реално време, размена на разузнавачки информации и учество во заеднички операции со цел спречување и разобличување на криминални структури. Паралелно, се заложуваме за поедноставување на царинските постапки, размена на експертиза и взаемна поддршка во спроведувањето на меѓународни царински конвенции и стандарди. Дополнително, со цел зголемување на транспарентноста, ќе работиме на промоција на програмите за доверливи економски оператори и унапредување на соработката во сите царински области“, изјави директорот Николовски.
Заменик министерот за трговија на Република Турција, Учармак, изјави дека двете служби имаат многу области и теми за соработка, и оти денешниот договор е потврда за нивната посветеност на заедничко делување во тие области.
„Двете држави се наоѓаат на важен транспортен коридор и делат заеднички цели како земји кандидати за членство во Европската унија. Двете страни ги применуваат истите меѓународни правила и стандарди, со цел да се олесни и забрза меѓународната соработка,“ изјави заменик министерот Учармак.
Во Анкара, директорот Николовски, заедно со помошниците директори, за контрола и истраги, царински систем, ИКТ и меѓународна соработка, оствари билатерална средба со Сезаи Учармак, заменик министер за трговија на Република Турција, Мустафа Ѓумуш – генерален директор на Генералниот директорат за царини, Раиф Џан – генерален директор за анализа на трговијата и анализа на ризик, како и други високи претставници на Генералниот директорат за царини на Република Турција.
Во рамки на средбите во Анкара ќе биде одржан и технички состанок на експертско ниво на којшто двете страни ќе ги разгледаат конкретните чекори за справување со идните предизвици и интензивирање на соработката./Макфакс
Текстот Потпишана заедничка декларација за царинска соработка со Турција е превземен од МАКФАКС.