Нова американска истрага заклучи дека американските напади во јуни во голема мера уништиле еден од трите нуклеарни објекти на Иран, но дека другите два не биле толку оштетени, објави „Ен-би-си њуз“ повикувајќи се на сегашни и поранешни американски функционери.

Во извештајот се тврди дека нападот врз иранскиот нуклеарен објект „Фордо“ бил успешен во забавувањето на напорите за збогатување ураниум за речиси две години.

Другите два објекта не биле толку оштетени и збогатувањето би можело да продолжи во следните неколку месеци доколку Иран така одлучи.

Портпаролката на Белата куќа, Ана Кели, за Ен-би-си изјави дека „како што претседателот претходно рече, а експертите потврдија, операцијата ‘Полноќен чекан’ целосно ги уништи нуклеарните капацитети на Иран“.

Портпаролот на Пентагон, Шон Парнел, за истиот медиум изјави дека Трамп „бил јасен, а американскиот народ разбрал: нуклеарните објекти на Иран во Фордо, Есфахан и во Натанц беа целосно уништени и дека нема сомнение за тоа.

САД минатиот месец почнаа напади врз иранските нуклеарни постројки тврдејќи дека Иран работи на развој на нуклеарно оружје. Техеран инсистира дека неговиот нуклеарен развој е само за цивилни цели.

Првичната процена на Агенцијата за одбранбено разузнавање на САД во јуни сугерира дека нападите можеби само ја забавиле нуклеарната програма на Иран за неколку месеци. Но, претставници на администрацијата на Трамп рекоа дека оваа процена е несигурна и е спротивна на разузнавачките информации што покажуваат дека нуклеарната програма на Иран е сериозно оштетена.

Според иранскиот министер за надворешни работи, Абас Аракчи, нападите врз „Фордо“ предизвикале голема штета, објавува „Ројтерс“.

Текстот Американскиот напад уништи само еден од трите ирански нуклеарни постројки, според ново истражување е превземен од МАКФАКС.