Поранешниот претседател на Собранието, но и претседател на политичката партија НСДП, Тито Петковски на својот ФБ профил порача дека ЕУ не е способна да го реши македонско-бугарскиот спор согласно меѓународното право. Како што напиша тој, со бугарската рампа на патот кон ЕУ, Северна Македонија трпи огромна штета во сите свери на општественото живеење.
-Најлошо од се’ е што никој неможе да предвиди до кога ќе траат бугарските уцени и понижувања и кога државата ќе биде деблокирана на патот кон ЕУ. Некои од водечките бугарски политичари говорат дека, преговорите можат да се оддолжат и наредните 20 години. Доколку се’ зависи само од Бугарија, таквото размислување и не би ме изненадило, напиша Петковски.
Тој воедно вели дека прашањата што Бугарија ги поставува како услов за деблокадата, длабоко задираат во нашиот суверенитет и по нив Македонија не смее да преговара, доколку сака да го задржи тој суверенитет. Петковски вели дека загрижува повеќе односот на земјите-членки на ЕУ кон Македонија и процесот на проширувањето, особено ставот на Германија по однос на рамката за преговори.
-Со вметнувањето на зборовите “фалсификувана историја” во преговарачката рамка, Германија направи диверзија на преговарачкиот процес на Македонија со ЕУ и нашето членство во ЕУ го направи невозможна мисија. Македонските шанси останаа во игра, благодарејќи на силното противење на Чешка и Словачка за влез на една голема небулоза во Преговарачката рамка, која нема ништо заедничко со Копенхашките критериуми за проширување на ЕУ. Се разбира, Чешка и Словачка тоа не го дозволија исклучиво, водејќи се од своите национални и државни интереси, а не заради Македонија.
Тој потег на Германија го разбрав како обид на мала врата и на зелена маса да и го обезбеди она што Бугарија го изгуби во Втората светска војна, пишува Петковски.