Илон Маск изјави дека не поддржува спојување на неговата компанија за вештачка интелигенција xAI со производителот на електрични возила Tesla, додека се зголемуваат прашањата за идниот однос на двете компании.

На социјалната мрежа X, профилот @BullStreetBets_ постави отворено прашање до инвеститорите во Tesla за тоа дали го поддржуваат спојувањето помеѓу Tesla и xAI. На што Маск одговори: „Не“.

Изјавата доаѓа во време кога технолошкиот милијардер размислува за идниот однос меѓу неговите многубројни компании.

Преку ноќ, Маск објави дека Tesla ќе одржи гласање на акционерите во одреден момент за тоа дали компанијата треба да инвестира во xAI, компанијата што го развива контроверзниот чет-бот со вештачка интелигенција Grok.

Минатата година, Маск спроведе анкета меѓу своите следбеници на платформата X, прашувајќи дали Tesla треба да инвестира 5 милијарди долари во xAI. Мнозинството гласаше „за“.

Маск веќе некое време се обидува да ги поврзе своите компании. Во март, тој објави дека xAI и социјалната мрежа X се спојуваат во договор што го проценува xAI на 80 милијарди долари, а X на 33 милијарди долари.

Минатата недела, Маск објави и дека четботот Grok ќе биде достапен во возилата на Tesla. Четботот неодамна предизвика остри критики откако го пофали Адолф Хитлер и даде серија антисемитски коментари.

Текстот Маск: Не го поддржувам спојувањето на Tesla и xAI е превземен од МАКФАКС.