Според СДСМ, денешната прес-конференција на министерот за култура Зоран Љутков е уште еден обид да се замаскира годишното фијаско на ВМРО-ДПМНЕ во културата. Наместо отчет, јавноста доби низа лаги, манипулации и самопофалби без основа.
„Нема „успешна година“ кога институциите немаат средства, проектите стојат, а вработените во Министерството за култура се сегрегирани по партиска припадност и без законски исплатената плата согласно со колективните договори.
Министерот премолчи и дека не се почитува Колективниот договор и се манипулира со културните работници, кои се под постојана закана и притисок.
Љутков не кажа ништо за запирањето на сите активности во заштитата на културното наследство, за нефункционалните конкурси, за партиските поставувања и за скандалите во кабинетот – кои не се „успех“, туку пораз на институцијата“, велат од СДСМ.
Додаваат дека на денешниот прес министерот за култура Љутков ја излажал јавноста дека за првпат по 8 години е распишан конкурс за креативни индустрии.
„СДСМ го потсетува Љутков дека во 2024 година беше распишан и спроведен Конкурс за креативни индустрии, кој ги содржеше во винстинска смисла на зборот креативните индустрии, а не како годинешниот конкурс на Љутков скроен по мерка за лукративни и корумптивни проекти што би требало на ВМРО-ДПМНЕ да му донесат повеќе гласови на претстојните локални избори.
Наместо културна дипломатија – само патувања без ефект и без отчет. Еве сега прашуваме што конкретно донесе за културата неговото последно патување во Америка и во крајна линија за туризмот? Наместо инвестиции – кратења од буџетот. Наместо визија – политичка пропаганда“.
Остро реагираат како што велат на обидите да се прикаже неработата како резултат.