Истражниот тим на СЗО го посети пазарот во Вухан, кој беше дистрибутивен центар за храна за време на заклучувањето од 76 дена минатата година.

Десетчлениот меѓународен тим прошетал низ делови од пазарот за морска храна Бејшажоу, еден од најголемите пазари во Вухан, каде што првично беше откриен вирусот.

За време на обиколката, направена со цел да се најдат некои докази за потеклото на Ковид-19, експертитена СЗО имале голема придружба од кинески официјални претставници. Јавниот пристап до пазарот е ограничен откако властите го затворија на почетокот на минатата година.

Истражниот тим, кој се состои од експерти од областа на ветеринарната медицина, вирусологијата, епидемиологијата, технологијата и безбедноста на храната, во текот на вчерашниот ден, придружуван од поголема група кинески колеги, направил обиколка и во две болници во кои било жариштето на епидемијата, пренесува АП.

За време на оваа мисија, според агенцијата, придружена со политички притисок поради напорите на Кина да избегне обвинувања за погрешни одлуки во текот на првите денови од епидемијата, членовите на тимот на СЗО вчера посетиле и изложба посветена на избувнувањето на епидемијата на коронавирус.

СЗО претходно објави дека членовите на истражниот тим нема да имаат контакти со локалната заедница поради ризик од ширење на вирусот.

Кинеската влада се залага за теоријата дека епидемијата започнала поради вирус увезен преку замрзната морска храна, но за тоа досега нема основани и валидни докази.

Republika.mk – содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.