Во режија на ВМРО-ДПМНЕ, во градот на театарот, Прилеп, синоќа се одигра срамна партиска претстава каква не паметат ниту најдоследните хроничари на политичките збиднувања во градот.
Трагикомедија без преседан – Христијан Мицкоски, премиерот чија Влада за само една година ги задолжи граѓаните на Mакедонија за фрапантни 7 милијарди евра, синоќа зборуваше за економски раст, истакна на прес-конференција Петра Лукароска од СДСМ.
Истиот тој Мицкоски, вели таа, бесрамно лажеше за виртуелниот раст на платите на работниците, додека во исто време генералниот Директорат на Европската Комисија, Евростат, укажува на драматичен пад на животниот стандард и на висината на работничките плати. Не во некоја друга земја, туку овде кај нас, во Македонија.
Мицкоски, како што додаде, не собра храброст да проговори за корупцијата во владините институции како главна причина за кочанската трагедија, за енормното финансиско задолжување на неродените генерации Македонци, за “дивеењето“ во дивото градење и мафијашките пресметки во главниот град.