Владимир Туфегџиќ – адвокатот на таткото на убиената Вања Ѓорчевска, Александар Ѓорчевски ја коментираше денешната ослободителна пресуда за неговиот клиент, велејќи дека нема простор за победничка еуфорија, а судот донел законска одлука, но празна по својата суштина и без одговорите на клучните прашања. Во процесот, според зборовите на Туфегџиќ, не е даден одговорот на прашањето зошто е киднапирана и убиена Вања, како и зошто се инсистирало нејзинниот татко да биде дел од постапката и покрај тоа што против него немало докази.
Адвокатот побара одговор од институциите зошто не го спречиле ниту криминалниот план за киднапирање на луѓе којшто, според исказот на осудениот Манев, обвинетите го скроиле уште од 2022 година. Туферџиќ праша дали дали вмешувањето на Ѓорчевски во овој случај било обид за дефокусирање од она што би требало да биде предмет на истрагата. Побара одговор од надлежните зошто четворицата обвинети со план за киднапирање луѓе кои копале дупки низ државата за таа цел, не биле детектирани навремено.
Александар Ѓорчевски во моментот не размислува за поднесување кривични пријави. Туферџиќ рече и дека судија на претходна постапка има доставено барање за обезбедување на медицинска документација за констатирани повреди од вршењето тортура кон Александар, на 16 февруари 2024 година. По ниту едно од тие барања не било постапено, ниту пак, јавниот обвинител го проследил ова известување до надлежното Јавно Обвинителсто кое треба да постапува за сторени кривични дела на полициските службеници.
Обвинителството од друга страна соопшти дека ќе се жали на ослободителната пресуда за Ѓорчевски. Обвинителката Ана Стојковиќ Димитриевска по изрекувањето на пресудата дека иако немале докази какви што сакаат да имало, неспорен факт е дека само родителите знаеле дека детето ќе оди само во училиште, а двајца од обвинетите кажале дека дознале од таткото, преку Палевски, пред потоа да ја сменат изјавата. Обвинителката вели дека кога го смениле исказот, двајцата обвинети не понудиле ниту еден разумен факт и околност зошто го сториле тоа, а за тврдењето дека се вршела тортура над нив, обвинителката рече дека тоа не е реално, ниту се докажало.
Кривичниот суд пресуди доживотен затвор за Љупчо Палевски, Боре Видевски, Велибор Манев, Влатко Кешишов за грабнувањето и за убиството на 14-годишната Вања Ѓорчевска и 74-годишниот Панче Жежовски. Таткото на Вања, Александар Ѓорчевски е ослободен од обвинение.
Текстот Адвокатот на Ѓорчевски: Нема одговор зошто беше киднапирана и убиена Вања, и зошто се инсистираше татко и’ да е дел од постапката е превземен од МАКФАКС.