Израелската војска го нападна Хондаб, иранскиот реактор за истражување на тешка вода, кој сè уште е во изградба, и оштети близок објект за производство на тешка вода, соопшти надзорниот орган на ОН.

Израел нападна неколку нуклеарни објекти во Иран. Реакторот на тешка вода првично беше дизајниран едноставно за производство на плутониум за евентуална употреба во нуклеарно оружје, иако Иран негира дека развива такво оружје.

Според договорот од 2015 година со светските сили, објектот беше пренаменет за да се намали ризикот од развој на нуклеарно оружје, при што неговото јадро беше отстрането и исполнето со бетон. Иран ја извести Меѓународната агенција за атомска енергија со седиште во Виена дека реакторот повторно ќе стане оперативен во 2026 година.

„МААЕ има информации дека Хондаб, поранешниот истражувачки реактор за тешка вода во Арак, кој е во изградба, бил погоден. Не бил оперативен и не содржел нуклеарен материјал, па затоа немало радиолошки ефекти“, напиша МААЕ на Икс.

Реакторите за тешка вода користат тешка вода (исто така позната како деутериум оксид), супстанца што ги забавува брзо движечките неутрони ослободени за време на процесот на нуклеарна фисија, за да генерира топлина во реакторот.

Во своето прво соопштение за нападот, МААЕ изјави дека нема информации дека е погоден блискиот објект што произведува тешка вода. Подоцна издаде соопштение во кое ја ревидираше својата изјава.

„Иако штетата на блиската фабрика за тешка вода првично не беше очигледна, сега се проценува дека клучните објекти на фабриката, вклучително и единицата за дестилација, се оштетени“, соопшти МААЕ.

Текстот МААЕ: Израел го погоди иранскиот реактор во изградба и блискиот објект е превземен од МАКФАКС.