На два дена до месец февруари, долго најавуваниот петти сет на економски мерки на Владата не е готов. Бизнисмените денеска на владините министери за економија и финансии Крешник Бектеши и Фатмир Бесими лично им ги претставија барањата за поддршка на стопанството. Конкретен договор не се случил бидејќи властите допрва ќе одлучуваат по потребите на приватниот сектор. Засега нема ниту модел како да се исплаќа помошта во вид на минимална плата, една од мерките чие продолжување го бараат сите стопански комори.
– Advertisement –
„На состанокот којшто го имавме беше повеќе на разгледување на сите оние предлози коишто ги имавме доставено како стопански комори со аргументирање која е нивната потреба и зошто е неопходно да бидат вклучени во следниот сет на мерки што се за економски спас. Многу е важно најпрво да се има слух. Второ, верувам дека ќе има слух зошто сите мерки коишто ги предложивме и ги аргументиравме се реалната слика на стопанството.“
Премиерот Зоран Заев објави дел од мерките за кои се размислува да бидат дел од петтиот сет мерки. Бришење на каматите на граѓаните за неплатени сметки за вода, данок на имот или други давачи кон државата или општините, а главницата да ја платат на рати. Нов пакет бескаматни кредити со можност дел од парите да не се враќаат доколку фирмите-корисници покажат позитивен успех до крајот на годинава. Се размислува и за поддршка на хотелите надвор од главните туристички места, посебни мерки за угостителите и за превозниците на патници и за тутунарите. Пакетот треба прво да биде усвоен на социјално-економскиот совет, а потоа да се достави како предлог до Владата. Според очекувањата, следната недела јавноста треба да слушне што точно ќе содржи овој сет и колку пари ќе се потрошат за реализација на мерките.
Andrea Çobanova