Министрите на израелската влада наводно ги предупредиле клучните европски земји дека какво било еднострано признавање на палестинска држава би можело да го натера Израел да преземе свои еднострани мерки, вклучително и можна анексија на делови од Западниот Брег, објави „Тајмс оф Израел“.
Израелскиот министер за стратешки прашања Рон Дермер лично ги предупреди францускиот министер за надворешни работи Жан-Ноел Баро и британскиот министер за надворешни работи Дејвид Лами дека Израел би можел да одговори на признавањето на палестинската држава со анексија на Зоната Ц на Западниот Брег и легализирање на недозволени населби, објави израелскиот медиум „Хаарец“, цитирајќи странски дипломат запознаен со прашањето.
Во посебен извештај, весникот „Израел Хајом“ напиша дека министерот за надворешни работи Гидеон Саар им пренел слична порака на колегите во Обединетото Кралство, Франција и други земји, предупредувајќи дека потезите против Израел ќе бидат проследени со израелски мерки како што се проширување на суверенитетот врз населбите на Западниот Брег и делови од долината на Јордан.
„Едностраните потези против Израел ќе бидат одговорени со еднострани потези од страна на Израел“, наводно рекол Саар.
Овие предупредувања доаѓаат пред француско-саудискиот самит што ќе се одржи во Њујорк следниот месец, каде што се очекува францускиот претседател Емануел Макрон да промовира координирано признавање на палестинската државност.
Иако Соединетите Американски Држави објавија дека нема да учествуваат, другите европски земји сè уште дебатираат за својот став. Некои, вклучувајќи ги Германија, Унгарија и Чешка, наводно се противат на едностраното признавање. Други, како што се Шпанија – која ја призна палестинската држава минатата година – и Малта – која објави дека ќе го стори тоа на самитот – се поддржани од земјите што најавуваат еднострано признавање.
Откако Макрон минатиот месец изјави дека Франција размислува за признавање на палестинската државност, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху рече дека таков потег би бил „голема награда за тероризмот“.
Овие закани доаѓаат во време на растечко европско противење на акциите на Израел во Газа. Вчера, Шведска објави дека ќе го покани израелскиот амбасдор како знак на протест поради одбивањето на Израел слободно да дозволи хуманитарна помош за Газа.
„Ние не го поддржуваме она што израелската влада моментално го прави со тоа што ѝ забранува пристап до Газа. Апсолутно не“, рече шведскиот премиер Улф Кристерсон.
„Бевме многу јасни во врска со тоа, и на национално ниво и со многу други европски земји. Притисокот сега расте – нема сомнение за тоа. И со многу добра причина“, додаде шведскиот лидер.
Германскиот канцелар Фридрих Мерц, исто така, го промени својот тон во врска со Израел. Денес, тој го критикуваше Израел на најостар начин досега, велејќи дека масовните воздушни напади врз Газа повеќе не можат да се оправдаат со борбата против Хамас и дека „веќе не се разбирливи“.
Пораката на Мерц од прес-конференцијата во Финска одразува поширока промена во јавното мислење, но и поголема подготвеност кај врвните германски политичари да ги критикуваат израелските постапки по нападот на Хамас на 7 октомври 2023 година.
Текстот Израел ѝ се заканува на Европа: „Ако ја признаете Палестина, ќе анектираме дел од Западниот Брег“ е превземен од МАКФАКС.