Новоназначениот директор на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Стојанче Ангелов, пред новинарите зборуваше за агонијата со којашто се соочува оваа институција во изминатите години, а покрај недостигот на пилоти и нефункционаноста на Ер тракторите, образложи дека се уште нема доволно потпишани договори со тимовите за брз одговор вклучително и со тимовите за гасење на пожар на отворен простор. Постои и недостиг на опрема, обука, физичка подготвеност, инспектори, но и сомнежи за исправноста на дозволите кои се издаваат од страна на Дирекцијата.

„Во моментов трите „ер трактори“ се на сервис, но кон почетокот на летото очекувам да бидат подготвени за гасење пожари“, рече Ангелов по преземањето на новата функција.

Тој верува дека заедно со оние кои ќе покажат амбиција, ќе ги надминат слабостите за побрзо ставање на ДЗС во полна функција.

Ангелов се осврна и на најавата за спојување на ДЗС и ЦУК во една институција. Како директор на ДЗС, вели, ќе може детално одвнатре да ја разгледа институцијата и внимателно да го проучи човечкиот и техничкиот потенцијал, дополнително да ги детектира и многубројните недостатоци за да бидат целосно отстранети во новата институција, на чие формирање се работи.

Прашан зошто досега се чекало за спојување на ДЗС и ЦУК во една, Ангелов рече дека системот на менаџирање со кризи е обемен и дека опфаќа повеќе институции и закони.

Ангелов, претходно му ја предаде функцијата директор на ЦУК на Мухамед Аљи, кој пак, доаѓа од редовите на Дирекцијата за заштита и спасување.