Министерството за социјална политика, демографија и млади известува дека граѓаните, корисници на права од системот на социјална заштита кои се ослободени од партиципација за користење на здравствена заштита, можат непречено да ги остваруваат своите права без притоа тоа да го докажуваат со потврда од центарот за социјална работа.
Од оваа институција велат дека досегашните административни бариери се веќе надминати, преку поврзување на системите на социјална и здравствена заштита односно Министерството за социјална политика, демографија и млади во соработка со Фондот за здравствено осигурување и тоа за вкупно 11.943 корисници на права од системот на социјална заштита.
„Во оваа група спаѓаат:
– осигурените лица со попреченост, според прописите за детска заштита и социјална заштита;
– корисниците на гарантирана минимална помош, кои се лица неспособни за работа и корисници на вон-семејна заштита, според прописите за социјална заштита;
– корисници на надоместок за помош и нега од друго лице кои не се по друга основа здравствено осигурени;
– корисници на право на социјална сигурност на стари лица и
– корисници на право на посебен додаток“.
Нагласуваат дека Министерството за социјална политика, демографија и млади продолжува во континуитет да се залага за унапредување на правата на сите граѓани без исклучок со посебен акцент на лицата од ранливите категории.
Текстот МТСП: Речиси 12 илјади граѓани нема повеќе да чекаат потврда за ослободување од партиципација преку поврзување на системите на социјалната и здравствената заштита е превземен од МАКФАКС.