Една година откако во јавноста се откри скандалот „Јавна соба“, кога преку социјалната мрежа „Телеграм“ илјадници членови споделуваа експилицитни фотографии од девојки од Македонија, а меѓу нив и малолетнички, групата е повторно активна, пишува А1.он.

„Очигледно дека реакциите на МВР и на Јавното обвинителство од каде тогаш децидно изјавуваа дека ќе го решат случајот, не вродија плод“, пишува порталот.

Во моментов има три новоотворени групи на „Телеграм“ и тука членуваат и по над 5.000 членови. Речиси сите користат прекари, а нивните телефонски броеви не можат да се видат.

„Дел од членовите користат имиња на министри и бизнисмени, но не може да се утврди дали се автентични доколку ги немате во својот именик. Она што може да се види се ликовите на девојките чии фотографии се споделуваат. Дел од нив, сликите ги споделувале со нивните партнери, дел на социјалната мрежа Инстаграм, но клучното е дека тие не дале согласност нивните имиња, презимиња, ликови, па дури и телефонски броеви да бидат споделувани со илјадници други луѓе“, велат од МВР и додаваат дека преземаат сè за да се реши случајот.

Аферата „Јавна соба“ беше откриена лани во јануари. Тогаш креаторот на групата изјави дека немал намера таа да се претвори во размена на порнографски материјали, туку случајот сам излегол од контрола. Неколку дена откако се обелодени скандалот, ккреаторот на групата самиот се пријави во полициска станица и против него беше поднесена кривична пријава. Тогашниот технички министер за внатрешни работи, Наќе Чулев, изјави дека имаат релевантни сознанија за лицата кои членувале во групата и разменувале фотографии. Еден месец подоцна, беше обелоденето дека социјалната мрежа „Телеграм“ не дава информации за членовите на порнографската група „Јавна соба“, а техничкиот министер Чулев изјави дека седиштето на „Телеграм“ во Лондон ја затворило групата и ја прекинало понатамошната соработка.