Илјадници луѓе протестираа против масовниот туризам на шпанските Канарски Острови, барајќи од властите да го ограничат бројот на посетители за да ги заштитат локалните жители од зголемените трошоци за домување, сообраќајните метежи и преоптоварените услуги.
Марширајќи под знамето „Канарските Острови имаат ограничување“, демонстрантите вчера излегоа на улиците на сите главни острови на архипелагот и во неколку градови во континентална Шпанија. Некои скандираа за ефектите од туризмот врз водоснабдувањето.
„Туризмот е многу важен за Канарските Острови, но мора да сфатиме дека колапсот е тотален“, изјави за Ројтерс, Хуан Франциско Галиндо, менаџер на хотел во Тенерифе.
Неговиот татко поседува мал островски имот на кој локалната администрација издаде наредба за експропријација во 2023 година поради одобрување на проект за луксузен хотелски комплекс.
„Оние 70 квадратни метри што сакаат да ги експроприраат се сè што има мојот татко. Неговата здравствена состојба се влоши откако се случи ова“, рече тој.
Според официјалните податоци, повеќе од 1 милион странски туристи ги посетуваат Канарските Острови секој месец, во споредба со локалното население од 2,2 милиони.
Шпанија, која имаше рекорден број туристички пристигнувања во 2024 година, очекува уште повеќе посетители оваа година.
Шпанија беше сведок на неколку протести против прекумерниот туризам во други популарни дестинации за одмор, вклучувајќи ги Мајорка, Барселона и Малага. Слични демонстрации беа одржани на Канарските Острови минатата година.
Текстот Илјадници луѓе на протест против прекумерниот туризам на шпанските Канарски Острови е превземен од МАКФАКС.