Првиот заменик претседател на Владата и министер за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити, заедно со градоначалникот на Чаир, Висар Ганиу, присуствуваше на започнување на градежните работи за реконструкција на водоводниот и канализацискиот систем во населбата Дижонска, општина Чаир, во вредност од 88 милиони денари владин грант.
Меџити пред присутните жители истакна дека со реализацијата на овој, како што рече, мега-проект вреден речиси 1,5 милиони евра, ќе се изврши реконструкција на водоводната, канализациската и атмосферската мрежа на улиците 15 и 17, проект што ќе поврзе 16 улици во населбата Дижонска со нов водовод и канализација.
„Само со овој повик минатата година, Чаир доби близу 3 милиони евра од Владата, додека над 8 милиони евра во проекти беа добиени на почетокот на оваа година, што значи дека за 10 месеци владеење, доделивме над 11 милиони евра грантови за Општина Чаир, од 0 денари доделени од претходната Влада во 2022, 2023 и првата половина од 2024 година, сè до падот на корумпираната Влада со функционери на американската црна листа’’, изјави Меџити.
Меџити истакна дека Владата инвестира во сите општини и ги завршува работите кои требало да бидат завршени многу порано, а како пример ја зеде општина Чаир за која според него, имало 3 годишна блокада.